На стоки и услуги, трансфери и капитални расходи сите министерства заедно годинава ќе потрошат 7,6 милијарди денари помалку отколку што добија на почетокот на годинава, а буџетските приходи ќе се намалат за 7,39 милијарди денари. Ова значи дека Буџетот ќе биде покус за вкупно 120 милиони евра. Економскиот раст ќе биде помал од предвидениот и според најновата владина проекција ќе изнесува 2,5%, а државата ќе се задолжи кај Дојче банка со 250 милиони евра. Овие одлуки ги донесе Владата на повеќечасовната седница во вторникот, изготвувајќи ребаланс на Буџетот за годинава. Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, Буџетот се крати за 4,5 до 5 отсто, а причина за тоа е рецесијата на голем број земји во ЕУ, што предизвика последици и во македонската економија и во буџетските приходи во првите три месеци од годинава. Со ребалансираниот Буџет треба да се подобри ликвидноста во домашната економија.
На стоки и услуги, трансфери и капитални расходи сите министерства заедно годинава ќе потрошат 7,6 милијарди денари помалку отколку што добија на почетокот на годинава, а буџетските приходи ќе се намалат за 7,39 милијарди денари.
Ова значи дека Буџетот ќе биде покус за вкупно 120 милиони евра. Економскиот раст ќе биде помал од предвидениот и според најновата владина проекција ќе изнесува 2,5%, а државата ќе се задолжи кај Дојче банка со 250 милиони евра.
Овие одлуки ги донесе Владата на повеќечасовната седница во вторникот, изготвувајќи ребаланс на Буџетот за годинава. Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, Буџетот се крати за 4,5 до 5 отсто, а причина за тоа е рецесијата на голем број земји во ЕУ, што предизвика последици и во македонската економија и во буџетските приходи во првите три месеци од годинава. Со ребалансираниот Буџет треба да се подобри ликвидноста во домашната економија.
- Намалувањето на приходната и расходната страна се движи меѓу 4,5 и 5 проценти од оригиналниот Буџет за 2012. Има намалување кај сите министерства и ниедно од нив не е поштедено. Секаде ќе има штедење кое е сконцентрирано, главно, на три категории - стоките и услугите, трансферите и капиталните расходи - истакна Ставрески.
Иако е предвидено кастрење и кај капиталните проекти, тој вели дека ниеден од нив нема да биде запрен, зашто за сите има средства. Ќе се штеди само кај тие што се реализираат со побавна динамика или кај оние за кои е утврдено дека намалувањето на средствата до крајот на годинава нема да им наштети.
За финансирање на ваквиот Буџет државата ќе позајми од Дојче банка 250 милиони евра. Од овие средства државата ќе се раздолжува и за евро-обврзницата која достасува во јануари наредната година. Понуди за заемот биле земени од три банки, а најдобра била на Дојче банка.
250-те милиони евра од најголема европска комерцијална банка ќе се земат на петгодишен рок, со отплата на крајот на петтата година, со фиксна каматна стапка која во моментов изнесува 6,83%.
- Тоа е исклучително добра каматна стапка, имајќи предвид под кои околности се задолжуваа другите земји од регионот и пошироко во Европа во исто време - рече Ставрески, додавајќи дека по земањето на овие пари, Македонија ќе нема потреба од користење на средства од аранжманот за претпазливост - ПЛЛ со ММФ. За него, тоа што се добива позајмица од банка со најголема актива и најголем износ на финансиски средства од сите банки во Европа е потврда дека државата има реноме.
За ова нова задолжување на државата вчера се изјасни и гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов. Тој објаснува дека во јануари наредната година доспева втората еврообврзница во вредност од 175 милиони евра, а тоа што за отплатат се задолжуваме сега, кога финансиските пазари се стабилизирани е добро, зашто во меѓувреме состојбите може да се влошат. Гувернерот Богов вели дека ако се погледне оригиналниот Буџет, ќе се види дека ова задолжување било планирано, бидејќи во него е предвидено и надворешно финансирање на дефицитот.
- Ниту една земја не може да го исплати долгот што достасува од тековните приходи. Треба на долг рок да се намалува долгот, но за да се исплати еден мора да се земе друг. Тоа го прават сите земји, токму тоа се прави на меѓународните пазари. Буџетите имаат потреба од надворешно финансирање кога економијата во државата е во опаѓање и тоа е нормална ситуација - вели Богов.
До 2018 година достасува за отплата прилично висок долг од една милијарда евра, но Богов смета дека девизните резерви нема да бидат загрозени. НБРМ, вели тој, го следи движењата на долгот и води сметка при носењето на мерки, во смисла дали треба да се релаксира или да се затегне монетарната политика. Ако се забележи дека достасува долг на товар на девизните резерви, ќе се преземат мерки за да се обезбедат резервите, а тие последниве години се во постојан пораст. Освен ова на крајот на минатата година нето надворешниот долг е намален на 280 милиони евра, Што значи дека за таа сума е подобрена нашата девизна позиција.
На последната владина седница утврдена е и нова проекција на растот на БДП, кој од претходните 4,5 се коригира на 2,5 %. Според Ставрески, при ваквата корекција биле земени негативните резултати во индустриското производство во првото тримесечје од годинава.
- Нашите очекувања се дека во останатите три квартали од годината ќе има подобрување на економската состојба и со антиципираната негативна стапка за првиот квартал, вкупно за цела 2012 очекуваме раст на македонската економија од 2,5%, што е блиску до 2% раст предвиден од ММФ - рече Ставрески.
Исто така, за 2012 година се предвидува умерена инфлација од 2,8%, главно како одраз на порастот на цените во изминатите неколку месеци, а под влијание на цените на нафтата на светските берзи.
Ревизија на овие параметри прави и Народна банка, а ќе ги објави на почетокот на мај. Богов вели дека не се очекува отстапување од претходно проектираната стапка на инфлација од 2%, зашто, како што објаснува, сега ризиците се избалансирани.